Многумина прележаа Ковид-19, но, за жал, дури 1 милион луѓе ја изгубија битката. Речиси една година од појавата, многу непознати за заболувањето, а на прагот на зимата сме кога ќе имаме мешани вирусни инфекции.

Инфектологот Патриција Каламарас вели дека сè уште нема потврдена делотворна терапија, нема ни вакцина. Дополнително болеста се манифестира различно кај различни луѓе, па Каламарас вели дека во иднина може да се докаже дека во основата на развојот на болеста е генетиката. Според последните истражувања, Ковид-19 го напаѓа репродуктивниот систем кај помлади мажи и може да предизвика стерилитет.

Д-р Каламарас вели дека рецепторите за ангиотензин ковертирачкиот ензим 2 (АЦЕ2) имаат главна улога во патогенезата на Ковид-19 преку врзување на вирусот за АЦЕ2 и на тој начин вирусот навлегува во клетката и се реплицира. Клетките кои се со висока АЦЕ2 експресија се потенцијални да бидат таргетирани и оштетени од вирусот. Повеќе студии потврдиле, пак, дека има висока АЦЕ2 концентрација во тестикуларните клетки, затоа тестисите се потенцијална таргетна група за директно оштетување од Sars – CoV-2 вирусот.

Постои можност за потенцијално оштетување на тестисите и последователен инфертилитет при Ковид-19 инфекција. Можноста за тестикуларно оштетување е како резултат на директна вирална инвазија преку врзување на Sars –cov-19 вирусот за АЦЕ2 рецепторите или секундарно како резултат на имунолошки и инфламаторен одговор, вели д-р Каламарас.

Колку е повлажно во просторијата, толку подобро

Д-р Каламарас вели дека едно од поновите сознанија е дека одржувањето на влагата во просторијата е многу важно и дека е идеално влажноста да е помеѓу 50 и 60 проценти.

Ако воздухот е многу сув, честичките на коронавирусот се многу полесни и постојано лебдат во воздухот, а на тој начин полесно е и да се инфицираме преку вдишување. Во случај да се одржува препорачаната влага во воздухот, аеросолите во кои има коронавирус отежнуваат и паѓаат на подот, а со тоа се намалуваат лебдечките честички со коронавирус кои ги вдишуваме, вели д-р Каламарас.

Таа смета дека е интересно дека тестикуларната експресија на АЦЕ2 е во корелација директно со возраста. Највисока експресија е забележана кај пациенти на 30-годишна возраст, значително повисока од пациенти на 20 години, како и кај пациенти на 60 години кои покажале најнизок степен на експресија. Ова укажува на тоа дека млади пациенти од машки пол се со висок ризик за тестикуларно оштетување и потенцијален стерилитет.

Најнови информации од Министерството за здравство во Русија потврдија за драстична редукција на квалитетот на сперма која доведува до машки стерилитет. Тие потврдија дека кај пациентите кои прележале Ковид-19 за 38 проценти се намалил квалитетот на спермата, вели д-р Каламарас.

Инаку, во јуни годинава и кинеско-американска студија потврди дека вирусот го напаѓа машкиот репродуктивен систем преку директен атак на спермо-продуцирачки клетки, што доведува до редукција на создавање сперма.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.