Комисијата за заразни болести денеска ќе одржи состанок на кој, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, ќе бидат слушнати предлозите и согледувањата по последните анализи на состојбата со Ковид-19 во државава.

Епидемиолошката состојба во земјава бележи зголемување на новодијагностицирани со Ковид-19 почнувајќи во периодот од пред две недели. Анализите покажуваат дека процентот на новодијагностицирани случаи и минатата во однос на претходната недела е зголемен за 25 проценти. Расте и Р0 факторот на преносливост од 1,05 на 1,14, што е јасен индикатор дека сега ќе има промена на релативно стабилната епидемиолошка состојба што ја имавме во претходниот долг временски период, истакна Филипче.

Според него, нови рестриктивни мерки не се потребни, доволно е да се почитуваат протоколите и да се зголеми процентот на вакцинација.

Со членовите на Комисијата сме во континуирана комуникација и во периодот додека беше ситуацијата мирна. Освен размена на информации, така се евалуираше и потребата за официјален состанок. Во петок ќе има состанок согласно новите анализи. Во однос на мерките, ќе ги слушнеме предлозите и согледувањата. Јас сметам дека треба да продолжат превентивните мерки и да се зголеми процентот на вакцинација. Испративме писмо до сите матични лекари да ги повикаат своите невакцинирани пациенти, рече Филипче.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.