Вакцинирањето со една доза АстраЗенека, a втора доза Бионтек/Фајзер е многу ефикасно, покажува нова студија од Шпанија, пренесуа Дојче веле.

Кога првата примена вакцина против коронавирус e АстраЗенека, а втората Бионтек/Фајзер, нивото на антитела се зголемува многу, покажува студија спроведена во Шпанија. Според ова истражување, лицата кои добиле комбинација од вакцините, односно прво биле вакциниран со АстраЗенека, а втората доза била Бионтек/Фајзер, имале за 30 до 40 пати повисоко ниво на антитела отколку оние кои биле во контролната група, а кои добиле само една доза АстраЗенека.

Освен тоа, ефикасноста со комбинирањето на двете вакцини, е исто така зголемена, се вели во студијата спроведена од шпанскиот Институт за здравство Карлос Трети. Кога првата доза е АстраЗенека, а втората Бионтек/Фајзер нивото на неутрализирачки антитела се зголемува за повеќе од седумпати, што е значително повеќе отколку во случаите кога и првата и втората доза се АстраЗенека, кога е забележано „само“ двојно зголемување.

Поради зголемениот ризик од тромбози, во многу земји лицата кои имаат добиено една доза АстраЗенека, при второто вакцинирање добиваат Бионтек/Фајзер или пак вакцината Модерна. Во Германија се тоа лицата на возраст под 60 години.

Досега немаше податоци за ефикасноста на вацинирањето кога се прави комбинација на вакцините.

Минатата недела универзитетот Оскфорд објави првични резултати од истражувања, според кои луѓето кои добиле две различни вакцини против коронавирус почесто имаат лесни или средно тешки нуспојави, како главоболки или треска, од луѓето кои биле вакцинрани двапати со вакцина од истиот производител.

Што се однесува до учесниците во истражувањето во Шпанија, само 1,7% од нив имале потешки нуспојави, кои меѓутоа се ограничувале на гавоболки, болки во мускулите и општо чувство на нелагодност. „Тоа не се симптоми кои може да се сметаат за тешки“, изјави Магдалена Кампинс, една од раководителите на студијата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.