Кога 85-годишниот Колин Хорсмен на крајот на декември минатата година бил хоспитализиран, тогаш постоел сомнеж дека станува збор за воспаление на бубрегот. Меѓутоа, за кратко време во болницата тој се заразил со Kовид-19 и развил тешки симптоми. На крајот завршил на респиратор, а по неколку дена починал, пишува „Би-Би-Си“.

На прв поглед, неговата ситуација може да делува прилично вообичаено и ништо премногу трагично. На крајот на краиштата, во светот досега починаа најмалку два милиони луѓе, а причината за смртта е Ковид-19. Но, како што неговиот син неодамна им објаснил на локалните новинари, три недели пред да почине Хормсен ја примил првата доза од вакцината против Ковид-19 од производителот „Фајзер-Бионтек“. Втората доза требало да ја прими два дена пред смртта.

Потребна е втора доза

Најголемиот дел од вакцините против Ковид-19 имаат потреба од втора или „бустер“ доза за да функционираат. Таква е и вакцината против мали сипаници, заушки и рубеола. Околу 40 отсто од луѓето кои примиле само една доза од оваа вакцина не биле заштитени од сите три вируси, за разлика од останатите кои примиле две дози.

Како функционираат „бустер“ вакцините?

Кога имунитетот првпат ќе се сретне со вакцината, тој активира два важни видови бели крвни зрнца. Првите се плазма со Б ќелии, кои главно имаат улога да прозведуваат имунитетни ќелии. За жал, овој вид ќелии има краток век, па иако вашето тело за неколку недели може да плива во антитела, сепак, без втората доза тоа нема да биде долготрајно.

Колку е ефикасна една доза од секоја вакцина?

Во време кога одговорот на ова прашање е поважно од било што друго, сепак, одговорот е неверојатно комплициран. Во продолжение ви претставуваме колку е ефикасна една доза од секоја вакцина посебно.

Фајзер-Бионтек

Според податоците на „Фајзер“ објавени во декември 2020 година, нивната вакцина е околу 52 отсто ефикасна по првата доза.

Оксфорд-АстраЗенека

Во случајот со оваа вакцина, работите стојат малку поинаку. Во истражување направено во јануари, авторите објаснуваат дека вакцината нуди заштита од 64,1 отсто откако телото ќе ја прими првата доза.

Модерна

Според документите што ги приложи компанијата, една доза од оваа вакцина може да понуди заштита од 80.2 отсто.

Коронавак (кинеска вакцина)

Оваа вакцина ја развива „Синовак“, биофармацевтска компанија од Пекинг. Оваа верзија е необична по тоа што е испитувана во неколку различни земји и сите земји дале различни резултати. ОАЕ тврди дека вакцината е 86 отсто ефикасна, Турција тврди дека вакцината нуди заштита од 91,25 отсто, додека, пак, Индонезија тврди дека е ефикасна 65,3 отсто.

Спутник 5 (руска вакцина)

Оваа вакцина се дава во две дози и наводно по втората примена доза ефикасноста е 91,4 отсто. Засега нема информации колкава е ефикасноста откако телото ќе ја прими само првата доза.

Преземено од „Би-Би-Си“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.