Клиниката за дерматологија предупредува дека прекумерното изложување на сонце, особено на ултравиолетовите (УВ) зраци од сончевиот спектар, од најраната детска возраст, е главната причина за појавата на меланомот, не-меланотичниот кожен рак и стареењето на кожата. Најголемо влијание имаат изгорениците од сонце, но и долготрајното изложување на сонце без појава на изгореници е ризик фактор за појава на штетните ефекти на УВ зраците. Луѓето со светол тен и светла боја на очите кои лесно горат на сонце, имаат многу бенки или пеги, црвена или светла коса, се со особен ризик за развој на кожен рак и стареење на кожата.

Намалувањето на времето на изложеност на сонце го намалува ризикот за појава на кожниот рак и стареење на кожата. Но, не се препорачува ниту целосното избегнување на изложеност на сонце заради многубројните позитивни ефекти на сонцето, како што се синтезата на витаминот Д, антидепресивното влијание и поволното дејство на кардиоваскуларниот систем. Најсигурна заштита е да не се излегува на сонце во периодот од 11.00 до 17.00 часот. Особено треба да се внимава кога УВ зрачењето се зголемува заради рефлексијата од снегот, белиот песок или бетонот. Облаците во мал степен претставуваат заштита од сончевото зрачење, додека пливањето во вода или ветер не обезбедуваат заштита, информираат од Клиниката.

Од установата препорачуваат кожата да биде заштитена со облека, најдобро густо ткаена, широка облека, да се носи шапка за заштита на лицето, вратот и ушните школки, како и очила со УВ заштита. Важно е да се биде сокриен од сонцето пред кожата да се зацрвени. Сенка од дрвја со густа крошна или од зграда би било идеално решение.

Лекарите препорачуваат и да се користат креми со висок заштитен фактор (најмалку SPF 30) за заштита од УВБ зраците кои предизвикуваат изгореници или крем со 4 или 5 ѕвезди на логото со што се овозможува заштита од УВА зраците кои се одговорни за појава на кожен рак и стареење на кожата. Редовното нанесување на заштитен фактор на секои два часа е битно за реактивација на кремот.

Луѓето кои примаат лекарска терапија или имаат заболувања кои ги прават особено осетливи на сончевата радијација треба да побараат совет и терапија од своите доктори, а бебињата и малите деца воопшто не треба да се изложуваат на директно сончево зрачење.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.