Фондот за здравство со вчерашниот допис до јавноста, како индиректно да се повлекува од првичната идеја дека за некој да подигне лековите на рецепт ќе мора да ја приложи и здравствената книшка, освен личната карта или пасошот. Можеби несакајќи, направија хаос каде што немаше хаос, а немаше ни незадоволни пациенти. А сега освен кај нив, и кај матичните лекарите се зголеми револтот – еве колегите во Гевгелија денеска протестираат, исплашени од можните казни за (не)водење евиденција во амбулантскиот дневник – едно од 4-те места каде ќе треба да се впише лекот што се препишува на рецепт, вели д-р Лили Чолакова – Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари.

Премиерот Зоран Заев најави дека од 1 септември до 1 октомври ќе бидат воведени неограничени квоти за лекови во аптеките, по бурните реакции на граѓаните дека лекови на рецепт нема веќе по 15. или 20 во месецот.

Д-р Чолакова појаснува:

 Доволно е што и сега со секој внес во компјутер рецептите се гледаат во системот и затоа нема никаква потреба од дополнителна евиденција на рецептите и во амбулантски дневник, па во картон и плус – во книшка. Ние ја водиме евиденцијата и тоа е доволно, а ние на крајот и го печатиме рецептот. Бидејќи нашето Здружение, кога стапи на сила електронскиот систем на печатење, се укина хартиениот дневник, па затоа сега во никој случај не прифаќаме истиот повторно да се воведе. Поради тоа, еве денеска има протести во Гевгелија, лекарите се против тоа лекот да мора да се пишува на четири места! Секој матичен лекар препишува колку му е потребно на некој пациент, па ние и понатаму имаме квоти и буџет за лекови определен од Фондот, а повеќе од тоа не можеме да препишуваме. А имаме и ставка за казни.

Матичните лекари очекуваат за нивните барања Фондот и официјално да се изјасни дали се повлекува од наредбата.

Од Фондот најавија повеќе информации за јавноста во наредните денови, а вчера информираа дека осигурениците од 1. октомври ќе можат да ги подигнуваат лековите во аптека само врз основа на рецепт и документ за лична идентификација.

Но потсетија и дека до тој период, на сила се постоечките позитивни прописи, со кои пропишување на лекот кај избраниот лекар како и постапката при издавање на лекот во аптеката се врши со здравствена легитимација заедно со личен идентификациски документ на осигуреното лице (лична карта или пасош) при користење на здравствени услуги на товар на Фондот, односно до 1 октомври 2019 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.