„Утре во нашето големо село Скопје ќе ни дојде папата Франциско и во негова чест, на нас болните од карцином нема да ни биде овозможено да си ја примиме терапијата .Јас лично овој месец се борев да ги покачам тромбоцидите за да можам да ја примам терапијата, ама еве, Папата дојде во село Скопје“- пишува читателот Себастијан Хуна, а пренесува „Трибуна“.

Болните од карцином кои имаат закажано хемотерапија во недела на 5 мај добиле известување дека на 7 мај имаат закажано термин, а потоа на 6 мај, во понеделникот добиле порака дека терпаијата се поместува за еден ден.

Претходно беше објавено дека Клиниките во Клиничкиот центар во Скопје добиле известување од Министерство за здравство за време на посетата на папата Фрањо на 7 мај да ги презакажат за друг ден сите прегледи и интервенции, за да се ослободи пристапот до Ургентниот центар бидејќи така налагаат меѓународните безбедносни протоколи за посети од ваков висок ранг, соопштија од Министерството.

Според овие протоколи, пристапот до Ургентниот центар на Скопските клиники треба да биде беспрекорен, затоа ги известивме сите клиники со допис да ги информираат пациентите дека термините за прегледи и интервенции се одложуваат за наредниот ден, велат од Министерство за здравство.

Од Министерството велат дека пациентите нема да бидат запоставени, односно дека сите што тој ден ќе имаат потреба од здравствена услуга ќе се упатуваат кон другите општи и клинички болници во Скопје и низ државата.

„Известени се сите јавни здравствени установи дека тој ден возилата на Итна медицинска помош пациентите треба да ги носат во другите општи или клинички болнци. Во Скопје конкретно, доколку има потреба од хируршка интервенција да се носат во Клиниката за хируршки болести ‘Св. Наум Охридски’, а оние што се за интернистички прегледи во Градската општа болница ‘8 Септември’. Само во случаи ако не може да се справат со одреден итен случај, да го препратат на скопските клиники. Овие здравствени установи ќе бидат во полна мобилност тој ден да одговорат на потребите на граѓаните“, велат од Министерство за здравство.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.