Бесплатно вакцинирање против сезонски грип, со кое се опфатени постари лица на возраст над 65 години, бремени жени, деца на возраст од шест месеци до пет години и хронично болни, почнува денеска во центрите за јавно здравје, каде што ќе се одвива во две смени, како и во поликлиниките Букурешт, Ѓорче Петров и Чаир, каде што ќе се одвива во периодот од 14 до 18 часот. Бесплатното вакцинирање против сезонски грип во Центарот за јавно здравје – Скопје ќе се одвива и во сабота од 7 до 14 часот.

Станува збор за вакцини од реномирани странски производители, меѓу кои 27.000 вакцини се од „Мајлон Абот“ (Mylon Abot), а 1.000 вакцини од „Санофи“ (Sanofi).

За оваа сезона се набавени 28.000 вакцини од кои 27.000 се за возрасни, а 1.000 се за деца. Секој кој сака да прими вакцина против грип и е опфатен во една од претходно наведените групи треба да закаже преглед преку системот „МојТермин“ кај матичниот лекар, а потоа да се упати во Центарот за јавно здравје во градот или во еден од трите пункта во поликлиниките Букурешт, Ѓорче Петров и Чаир.

Дополнително на овој број се набавени уште 20.000 вакцини во рамките на центрите за јавно здравје, каде што кој било граѓанин може комерцијално да ја купи вакцината и да биде вакциниран. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.