Се задржува трендот на регистрирање на голем број на заболени од мали сипаници во државата. Во изминатата недела бројот на новорегистрирани заболени изнесува 134. Во последните десетина недели овој број континуирано се одржува околу 100, но ова е највисоката бројка регистрирана воопшто откако е регистрирана епидемијата. Од новозаболените 48 се од Скопје, а останатите 86 се од десет други градови со што вкупниот број на зафатени градови изнесува 22, информира д-р Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје.

Вкупниот број на регистрирани од почетокот на епидемијата, како што информира Кузмановска, е во постојан пораст и последната бројка изнесува 1.524. Најголем број регистрирани се возрасни лица над 30 годишна возраст. Речиси половина од сите регистрирани се возрасни лица.

Што се однесува до вакциналниот статус од сите заболени на неделно ниво 70 проценти се невакцинирани, со непознат статус или непотполно вакцинирани, вели Кузмановска.

Додаде дека очекуваат и во наредниот период бројот на заболени да се одржува и не очекуваат брзо намалување и привршување на епидемијата.

Кузмановска информира дека со тешки компликации, во смисла на бронхопнеумонија, дијареа и други потешки инфекции се околу 16 проценти од сите заболени, но бројката во однос на хоспитализираните е нешто повисока и се движи повеќе од 40 проценти.

Вкупно вакцинирани деца до 14 годишна возраст од почетокот на кампањата досега се 25.808.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.