Научниците од Универзитетот во Кембриџ и Агенцијата за јавно здравје на Англија анализираа повеќе од 40.000 случаи на ковид-19 во Англија од крајот на март до крајот на мај 2021 година.

Резултатите, објавени во научното списание Lancet Infectious Diseases, главно се однесуваат на невакцинираните, а за целосно вакцинираните, не може да се извлечат заклучоци од анализираните податоци.

Досега, студиите генерално покажале дека делта е повеќе заразна, но нема сигурни податоци за ризикот од тежок ковид-19.

Истражувачите откриле дека ризикот од хоспитализација е во просек 2,26 пати поголем со делта варијантата.

Од 40.000 случаи во студијата, само 1,8 проценти биле целосно вакцинирани, што истражувачите го толкуваат како потврда за високата ефикасност на вакцината.

Од заразените во студијата, 74 проценти биле невакцинирани, а 24 проценти делумно вакцинирани.

-Нашата анализа нагласува дека во отсуство на вакцинација, секоја епидемија на делта ќе наметне поголем товар на здравствениот систем отколку епидемијата алфа, рече една од авторите на студијата, Ан Пресанис од Универзитетот Кембриџ

Целосната вакцинација е клучна за намалување на ризикот од симптоматска инфекција на делта кај поединецот и, подеднакво важно, за намалување на ризикот од тешка болест и прием во болница за пациент заразен со делта, додаде таа.

Делта варијантата која за првпат забележана во Индија сега е доминантна во многу земји, а експертите очекуваат таа да ги надвладее другите варијанти на глобално ниво, доколку не се појави уште позаразен вирус.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.