И една доза вакцина од „Фајзер/Бионтек“ или „АстраЗенека“ помага да се спречи развој на потешки форми на болеста за кои е потребна хоспитализација на лица со висок ризик постари од осумдесет години, покажаа првичните податоци од британско истражување.
Резултатите од истражувачкиот проект финансиран од компанијата „Фајзер“ покажуваат дека ефикасноста од една доза од вакцината на „Фајзер/Бионтек“, која започна во Велика Британија на 8 декември, беше 71,4 проценти две недели по вакцинирањето и спречи развој на тешка симптоматска форма на Ковид што може да резултира со хоспитализација на пациент чиј просечен животен век е 87 години.
Кога станува збор за вакцината на „АстраЗенека“, која започна да се воведува во Велика Британија на 4 јануари, резултатите покажаа дека ефективноста на една доза по истите параметри е 80,4 проценти кај пациентите чија просечна возраст е 88 години.
„Овие првични резултати покажуваат дека британската програма за вакцинација против Ковид-19 дејствува поуспешно отколку што се надевавме, рече Адам Фин, раководител на студијата на Универзитетот во Бристол.

Тој додаде дека резултатите покажале дека вакцините можат да го намалат развојот на потешки форми на вирусот кај постари лица кои припаѓаат на ризични групи и да го ублажат притисокот врз здравствените служби.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.