По повод одбележувањето на 17 ноември- Светскиот ден на предвреме родените дечиња, ЈЗУ Клиника за гинекологија и акушерство како најповикана институција и прв дом на сите предвреме родени дечиња ја продолжува традицијата заедно со сите светски центри во светот. Оваа годнина мотото во целиот свет под кое ќе се одбележува овој ден е:
,,Роден прерано: Обезбедување на соодветна грижа, во соодветно време, на соодветно место“

Целта на овој ден е подигнување на јавната свест во општеството поради фактот дека годишно во земјава се раѓаат 600-тина предвреме родени бебиња на кои покрај борбата за живот, правилната нега и грижа треба да им овозможи и максимално можен квалитет на живот во иднина.

Во просториите на Клиниката за гинекологија и акушерство денеска ќе се одржи настан посветен токму на нив. Свое обраќање ќе имаат директорката на ЈЗУ У ГАК Викторија Јовановска, началничката на Одделението за интензивна нега Елизабета Петковска, како и претставникот од граѓанската организација Лулка со која клиниката има потпишано меморандум за соработка при што ќе бидат изнесени реализираните заеднички активности во изминатата година.

На настанот ќе присуствуваат премиерот во заминување Зоран Заев и неговата сопруга, првата дама Елизабета Ѓоргиевска, како и министерот за здравство Венко Филипче.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.