Германија прави нарачки за вакцини за 2022 година во случај да бидат потребни уште дози за имунизација на популацијата против коронавирусот SARS-CoV-2, изјави во саботата вечерта министерот за здравство Јенс Шпан, во атмосфера кога расте фрустрацијата во Европската унија поради бавниот процес на вакцинирање на населението.

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан, зборувајќи на онлајн-форумот на здравствените работници го бранеше постигнатиот напредок во набавката на вакцините и вакцинирањето. Рече дека 2,3 милиони од вкупно 83 милиони жители на Германија веќе ја примиле првата доза од вакцината против Covid-19.

Владите на земјите членки на ЕУ, и воопшто на континентот, се остро критикувани поради проблемите со набавките на вакцините, откако фармацевтските компании „AstraZeneca“, „Pfizer/BioNTech“ и „Moderna“ најавија намалување на испорачаните количества од вакцините поради неможноста да го адаптираат своето производство за договорените количества, главно во ЕУ и во САД.

Германија, најголемата европска економија, е погодена со вториот „локдаун“ од ноември, а многумина во земјата завидливо го следат побрзиот процес на вакцинирањето во Израел, Велика Британија па и во САД.

„Ние сега всушност нарачуваме нови вакцини за 2022 година, за да имаме барем некои при рака“, рекол Шпан пренесува агенцијата Reuters.

„Никој не знае дали ќе ни требаат (…). Со проширувањето на производствените капацитети, ќе нарачаме вакцини поради претпазливост. Доколку не ни се потребни, добро, но ако ни требаат тогаш ќе ни бидат достапни“, додал германскиот министер за здравство.

Некои од влијателните премиери на германските сојузни покраини во саботата се придружија на критиките за сојузната влада во Берлин, пред состанокот на новата работна група за коронавирусот во понеделник, кој на иста маса ќе ги седне националните и регионалните фактори со фармацевтските компании и претставниците на Европската унија.

Баварскиот премиер Маркус Зедер предложи нови правила коишто на државата ќе ѝ овозможат повеќе овластувања во насочувањето на резервите на вакцијата кон оние на кои им се најпотребни.

Зедер, исто така, ги повика германските и европските тела да го разгледаат и одобрувањето на руската и на кинеската вакцина против коронавирусот за употреба во Европската унија.

Германските власти во саботата во дневниот пресек потврдија 13.321 нов случај на коронаинкфекции и 794 починати. Бројот на случаите на зараза во седумдневниот период на 100.000 жителио паднал од 94 на 91. Но тоа е далеку од показателот кој го одреди владата за попуштање на рестриктивните мерки, а тоа е седумдневна инциденца од 50, со што би се спрчило преоптоварување на болничкиот систем.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.