Министерот за здравство Венко Филипче вели дека чекаат Светската здравствена организација да даде препораки за тоа што треба да се прави за да се спречи заразата од корона вирусот, кој првично беше откриен во Кина. Од вирусот за кратко време има над петстотини заразени од кои деветмина починаа.

Имавме вчера неофицијални разговори. Ќе видиме какви ќе бидат препораките, контактираме со лица од СЗО. Ќе видиме дали ќе има потреба од некаков скрининг на аеродромите, ќе дознаеме во текот на денов, рече Филипче.

СЗО соопшти дека постои голема веројатност новиот корона вирус да се прошири и во други делови на Кина, како и во други земји.

Во наредните денови, може да се очекуваат повеќе случаи во другите делови на Кина, како и во други земји“, изјави портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ.

Засега во Кина најмногу случаи се забележани во градот Вухан, а се верува дека се проширил од пазарите со морска храна, иако изолирани случаи се регистрирани и во Шангај и во Пекинг.

Европа располага со средства како да се спротивстави на ширењето на новиот корона вирус, кој првично е откриен во Кина, изјави професорот Херман Госенс, претставник на европската организација „Припеар“, која работи на спречување на новопојавени епидемии со поддршка на Европската комисија. Според него, никогаш досега немало толку брз и кохерентен одговор на појавата на нова епидемиска закана.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.