Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, денеска во Собранието на Република Северна Македонија на 22. седница на Комисијата за здравство, учествуваше и се обрати на јавната расправа за Предлог-законот за прекинување на бременоста.

Мајчинството е ексклузивно право на жената, на бројот на деца, доколку таа сака. Тоа не е работа на судии, попови, оџи, лекари, а најмалку на политиката да одлучува за ова право на жената. Наша задача е да обезбедиме услови тоа право жената да си го добие, а државата да обезбеди институции и експертиза за тоа квалитетно и стручно да се заврши, истакна министерот доц. д-р Венко Филипче, појаснувајќи дека со законските измени се укинуваат административните бариери, односно чекање од три дена по советувањето.

Со овој закон се обезбедува почитување на достоинството на бремената жена, на правата на приватност, информираност, прифаќање и одбивање медицинска интервенција и информација, доверливост на личните и медицинските податоци согласно прописите од областа на заштитата на правата на пациентите и на здравствената заштита. Жената ќе го оствари правото за безбеден прекин на бременоста и укинување на постојните административни процедури-бариери, кои го одолжуваа спроведувањето на постапката за прекин на бременоста.

Приватноста на жената е заштитена, таа има слобода да одлучува, да се советува, да има пристап до безбедна и квалитетна интервенција и примена на препорачаните методи на прекин на бременоста. Исто така, ќе и бидат овозможени комплетни, објективни и точни информации во врска со начинот на изведување на интервенцијата, што може да се очекува за време на прекинувањето на бременоста и по завршувањето на постапката, за методите на контрацепција пред и по спроведувањето на прекинување на бременоста на начин разбирлив за жената за да може да донесе одлука и да даде изјава за согласност, посочи министерот Филипче.

Одлуката за прекин на бременоста како посебна медицинска интервенција за која треба слободно да одлучува бремената жена, се заснова на дадена согласност свесно, без принуда од било кого и врз основа на објективни информации поврзани со интервенцијата. Прекинување на бременоста како и досега ќе се врши во болничка здравствена установа која во својот состав има гинеколошко акушерско одделение.

Првпат е воведена можност за прекинување на бременоста до деветтaта гестациска недела со медикаментозен метод и во здравствена установа од примарна здравствена заштита.

Предлогот на Законот предвидува прекинувањето на бременоста да може да се изврши до истекување на дванаесеттата гестациска недела со писмена согласност од бремената жена. Ако бремената жена е малолетна или и е одземена деловната способност, прекинувањето на бременоста може да се изврши со писмена согласност од родителот, односно старателот на бремената жена.

Прекинот на бременоста може да се изврши по барање и со писмена согласност од бремената жена и по истекот на дванаесеттата гестациска недела, во случаи кога врз основа на медицински индикации ќе се утврди дека бременоста претставува опасност по животот или ќе доведе до тешко нарушување на здравјето на жената за време на бременоста, породувањето или по породувањето, врз основа на научни сознанија може да се очекува дека детето ќе се роди со тешки телесни или душевни недостатоци, до зачнувањето дошло во врска со извршување на кривично дело: силување, обљуба врз немоќно лице, полов напад врз дете, обљуба со злоупотреба на положбата или родосквернавење и ќе се утврди дека во текот на бременоста или по породувањето би можела жената да дојде во тешки лични, семејни, материјални или други прилики што ќе имаат одраз врз нејзиното здравје.

Прекинувањето на бременоста од дванаесеттата до дваесет и втората гестациска недела од бременоста по писмено барање од бремената жена односно од родителот, односно старателот ако бремената жена е малолетна или е лишена од деловна способност може да се изврши при што пред прекинување на бременоста докторот може да побара мислење од друг доктор специјалист од соодветна гранка на медицината.

По дваесет и втората гестациска недела за прекинување на бременоста одлучува првостепена комисија за одобрување на прекинување на бременоста во здравствена установа составена од двајца доктори специјалисти по гинекологија и акушерство и еден социјален работник. Доколку жената не се согласува од одлуката на првостепената комисија има право на приговор до второстепената комисија составена од двајца доктори специјалисти по гинекологија и акушерство, доктор специјалист по детска хирургија, психолог и еден член со најмалку пет години работно искуство во областа на родовата еднаквост.

Успеавме да направиме закон со којшто го враќаме правото на избор на жената, таа да одлучува самата за себе. Нивниот глас се слушна преку пораката – Мое тело, мој избор. Со овој закон конечно се става крај на рестриктивните политики за абортусот и жената го добива своето право назад. Очекуваме ваквиот пристап да придонесе кон унапредување на статусот на жената во општеството и кон постигнување на родовата еднаквост, рече министерот Филипче.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.