Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче во денешното гостување во отвореното студио на 24 анализа на телевизија 24 потенцираше дека во ниту еден момент, ниту една мерка во целиот изминат период не била димензионирана, препорачана или донесена, и притоа некаков фактор за одлучување да биле изборите.

Без разлика на изборите како настан, ние постепено го враќаме животот во нормала, што значи дека ќе има и други настани. Утре ќе има спортски натпревари. Можеби на почетокот без публика, меѓутоа после ќе има публика, бараат организаторите на концертите – не само кај нас туку и во сите други земји. Тоа што не тера сега да мислиме, да аргументираме дека епидемијата е најмногу под контрола се неколку фактори: пост карантинските мерки, затворените училишта и градинки и затворените граници, истакна министерот Филипче.

Тој рече дека понатаму ќе има наши граѓани коишто ќе патуваат и ќе се вратат назад и странци коишто ќе доаѓаат бидејќи ќе бидат отворени границите.

Во септември училиштата ќе почнат да работат, можеби не со вообичаен капацитет, меѓутоа сигурно ќе почнат, па ќе бидат поделени во групи. Покасно во есента имаме ризик од тоа што секоја година ни се случува, а тоа е сезонскиот грип. Тоа се работите коишто нас не тераат да мислиме дека сега епидемијата е најмногу под контрола и дека на есен навистина може да се соочиме со еден повторен пик со висок раст на бројот на пациенти, нешто на што укажува СЗО, а за што се подготвуваат многу земји во светот, изјави министерот Филипче.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.