Девојката кај која се појави тромбоцитна реакција по вакцинацијата со „АстраЗенека“ се чувствува добро, има добра клиничка слика, стабилна е и вон животна опасност, соопшти денеска министерот за здравство, Венко Филипче.

Засега, потврди, нема друг ваков случај во земјава.

Министерот повтори и дека за „Астра Зенека“ ќе се чека официјалниот став на Европската агенција за лекови (ЕМА), а во меѓувреме, продолжува имунизацијата на повозрасните категории граѓани со оваа вакцина.

Ние бевме многу внимателни и се уште сме. По укажувањето на германската агенција и канадската дека има такви случаи со што го паузираа давањето на ова вакцина на „Астра Зенека“ на помлади возрасни групи, чекаме официјален став од ЕМА која следната недела треба да има и официјален состанок и ќе го почекаме тој став заради тоа што сигурноста на пациентите односно на граѓаните ни е на прво место. Многу е веројатно дека ќе се докаже тоа дека асполутно ризикот да се заболи од тешка форма на КОВИД е многу поголем отколку компликациите што се јавуваат од вакцината што значи дека вакцината ќе се препорача и за помладата категорија граѓани, но додека не го добиеме тој официјален став на ЕМА, нема да брзаме, истакна Филипче.

Според него, вработените во МВР, Армијата и други институции каде има голема фреквенција на контакти ќе се вакцинираат со „Спутник В“.

Смртноста, рече Филипче, е секаде голема, а станува збор за случаи на кои, и покрај сите преземени мерки и целокупната терапија, едноставно не може да им се помогне.

Се јавуваат промени на белите дробови какви што за жал ретко се гледаат. Вирусот е таков, многу е агресивен и тоа сега пратиме. Буквално се случува во секоја една од околните земји со кои има логика да се споредуваме, согласно населението, бројот на новозаразени. Има земји со поголема смртност, многу повеќе десетици смртни случаи. Станува збор за силен бран, за мутација на вирусот која очигледно се манифестира како што се манифестира сега. Протоколите се еднакви, нема никаква промена во однос на оваа мутација на вирусот во однос на она што беше претходно. Нема специфична терапија само за вирусот, само за болеста. Станува збор за комбинација на повеќе лекови, терапии согласно возраста, клиничката слика, евентуалното постоење хронични болести. Секој пациент се разгледува индивидуално, посочи Филипче.

Кажа и дека се мобилизирани буквално сите.

Специјализантите се повлекоа по потреба и од клиниките, меѓутоа потребни се и таму. Во секојдневна комуникација правиме прераспределба и на кадарот. Сега доаѓа нова група лекари кои добија лиценца, тие треба скоро да почнат исто како што се случи со патронажните сестри. И тие ќе бидат појачување. Тоа е група од близу стотина доктори на територијата на цела држава, истакна министерот за здравство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.