Епидемијата е под контрола, но состојбата може да се влоши со отворање на границите и со појавата на сезонски грип, смета министерот за здравство Венко Филипче.

За 10 пати е намален бројот на заболени од ковид-19 во споредба од пред еден месец, што покажува дека епидемијата е под контрола, изјави денеска Филипче.

Според него, тоа е така бидејќи се спроведувале препораките на Комисијата за заразни болести.

Констатацијата дека епидемијата се смирува, односно е под контрола, е донесена врз основа на повеќе фактори, и тоа: бројот на новозаболени пациенти, број на пациенти во болниците, број на пациенти со тешка клиничка слика и на респиратори, бројот на слободни кревети во болниците, број на починати лица, проценти на пациенти за кои се знае кластерот на заразата, како и Р-0 факторот на преносливост. Сите овие фактори, како што рече Филипче, се значајно подобрени од почеток на епидемијата.

Сега сме во фаза кога ги гледаме добрите ефекти на силните рестриктивни мерки, и сега сме во во последните недели на траење на респираторните епидемии, кога имаме затворени градинки, школи и граници и има мирен период. Но, треба да сме свесни дека вирусот нема да исчезне во долг период и сликата ќе се смени дури кога ќе има вакцина и потоа до стекнување колективен имунитет. Пред нас е период кога треба да живееме со вирусот, изјави Филипче.

Министерот за здравство смета дека состојбата може да се влоши со отворање на границите, патување надвор и враќање на наши државјани и влез на странци, како и почетокот на школската година, и во доцната есен со појавата на епидемии од сезонски грип.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.