Во моментов не постои „итна потреба“ од примена на дополнителната доза од вакцините против Covid-19 меѓу општата популација, потврди во средата Европскиот центар за превенција и контрола на болестите (ECDC).

Во техничката белешка објавена во средата вечерта, од ECDC препорачуваат дополнителни дози или „засилувачи“ (бустер дози) за лицата со ослабен имунолошки систем, што е во согласност и со ставот на Светската здравствена организација (СЗО – WHO).

„Според моменталните сознанија, нема итна потреба за примена на дополнителни дози кај лицата кои се целосно вакцинирани“, наведуваат од ECDC во соопштението и додаваат дека „приоритет е да се вакцинираат оние коишто не го довршиле вакцинирањето“.

Но би требало „да се разгледаат дополнителни дози за лицата со изразено ослабен имунолошки систем во рамките на нивното вакцинирање, доколку не го постигнале доволното ниво на заштита“, додава споменатата агенција чиешто седиште е во шведската престолнина Стокхолм, а која обединува триесетина земји меѓу кои и 27-те земји членку на ЕУ.

Од СЗО на 18-ти август го критикуваат брзањето на богатите земји кон препорачувањето и аплицирањето на третата доза против коронавирусот и истакнаа дека научните податоци засега не укажуваат на потреба од неа.

Примената на третата доза сега би претставувала „додавање елек за спасување на лица кои веќе го имаат, додека ги оставаме другите да се удават без и најмалиот елек за спасување“, изјави директорот за ургентни ситауции при СЗО, Мајк Рајан.

Како реакција на ширењето на позаразната делта варијанта на коронавирусот, некои земји се решија или го разгледуваат давањето на третата доза од вакцините, најчесто за лица со кревко здравје, но и за целото население.

„Сите вакцини одобрени во ЕУ штитат од хоспитализации и тешки форми на Covid-19, додека секое трето лице поврозрасно од 18 години сѐ уште не е целосно вакцинирано“, истакнуваат од ECDC.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.