Дванаесетгодишно дете е на Универзитетската клиника за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) откако викендов се повредило на игралиште.

Малиот Ангел, од 7б одделение во ОУ „Димо Хаџи Димов“, играјќи си на игралиштето во кругот на училиштето се здобил со тешка телесна повреда, и во моментот е на КАРИЛ во коматозна состојба.

Од КАРИЛ потврдуваат дека имаат таков пациент.

Пациентот е со сериозни повреди на главата. Неговата состојба е стабилна, но тој се уште е на респираторна поддршка, изјави за „Република“ д-р Маја Мојсова Мијовска, раководолител на КАРИЛ.

До повредата дошло откако на игралиштето кое е наменето за деца со хендикеп, малиот Ангел влегол и почнал да се лула на лулашка која е наменета за деца во количка. Ова значи дека лулашката е поголема од стандардните и тешка неколку стотина килограми. Ангел почнал да се лула кога ја заглавил ногата во лулашката и паднал, а до повредата дошло кога седиштето кое е предвидено да собере количка за хендикепирани лица се вратила назад и го удрила момчето во пределот на вилицата, по што тој изгубил свест.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.