Едно лице заразило речиси 25 други патници додека патувало со автобус во Кина, иако не биле сите блиску до инфицираното лице, се вели во истражување кое нуди најнови докази дека коронавирусот се шири преку аеросоли, односно, ситните честички во воздухот, пренесува Н1.

Здравствените власти на почетокот на пандемијата ја отфрлија можноста коронавирусот да се шири со вообичаено дишење, но со откривањето на нови докази, тие се предомислија.

Една статија објавена во вторникот во списанието „ЈАМА Internal Medicine“ ја опишува инфекцијата меѓу патниците кои патувале 50 минути со автобус на будистички настан во Нингбо во јануари годинава, пред маските за лице да бидат задолжителни.

Научниците веруваат дека патникот, чиј пол не е објавен, најверојатно бил нулта пациент затоа што бил во близок контакт со луѓето во Вухан. Тие мапирале каде седеле останатите патници кои биле тестирани на корона вирус. Се покажало дека 23 од 68 патници биле заразени во истиот автобус.

Важно е да се напомене дека заразените патници седеле и во предниот и во задниот дел на автобусот, т.е. надвор од двометарскиот круг, растојание што се сметаше за граница за ширење на вирусот со капки.

Покрај тоа, нулта пациентот не покажал симптоми на болест, како што е кашлица, за време на патувањето.

Научниците забележале дека клима-уредот во автобусот циркулирал ист воздух, што веројатно придонело за ширење на вирусот.

Истражувањата покажуваат дека САРС-КоВ-2 е многу заразен патоген при циркулирањето на воздухот во затворените простории, напишаа научниците.

Нивната студија, која вклучува дијаграм за тоа каде седел секој заразен патник, е нов доказ за ширење на вирусот со аеросоли.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.