Новиот коронавирус може да го турне имунолошкиот систем кон прекумерна реакција, предизвикувајќи неконтролиран напад на патогените и на организмот, пренесува „Дојче веле“.

– Повеќето вируси предизвикуваат болест на два начина. Тие може да го оштетат ткивото таму каде што се реплицира вирусот, или можат да предизвикаат штета како страничен ефект врз имунолошкиот систем кој се бори со болеста – објаснува Џереми Росман, предавач по вирологија на Универзитетот во Кент.

Лекарите се сомневаат дека ковид-19 е виновен и за хоспитализацијата на преку 100 деца и адолесценти последниве недели во Њујорк, Лондон и Париз дијагностицирани со нарушување слично на синдромот на токсички шок кој ги напаѓа ѕидовите на крвните садови и може да предизвика треска, повраќање и во екстремни случаи и откажување на органите.

Три смртни случаи во Њујорк му се припишуваат на овој синдром, а сомнежот е дека има уште два други.

Кај возрасните, во бројни медицински студии ковид-19 се поврзува со други симптоми како што се удари, оштетување на срце и отекување на мозокот.

Истражувачите од уролошкиот оддел на Медицинскиот универзитет Нанжинг опишуваат пациенти со тешки уринарни компликации и акутни повреди на бубрезите. Тие забележале и „драматични промени“ во машките сексуални хормони.

– Откако ќе се опорават од ковид-19, младите луѓе кои се заинтересирани да имаат деца треба да се консултираат за нивната плодност – советуваат овие научници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.