Антителата на коронавирусот во поголем дел од случаите траат по осум месеци по прележување на болеста без оглед на тежината на болеста, староста на пациентот и присуството на веќе постоечки болести, покажало истражувањето на италијанските доктори објавено во магазинот „Nature Communications“.

Истражувањето било спроведено во болницата „San Rafaele“ во Милано во соработка со експертите од Институтот за здравје кои во текот на пандемијата на коронавирусот ја советуваат Владата на Италија.

Истражувањето било спроведено на 162 пациенти, а првите примероци од нивната крв биле земени во текот на месеците март и април 2020 година, додека пак последните во текот на месец ноември 2020 година.

Без оглед на тоа што присуството на антителата со текот на времето се намалуваше, се покажа дека тие упорно опстојуваат во организмот на човекот. Осум месеци по дијагнозата, од 162 пациенти само тројца немаа антитела, наведено било во соопштението од болницата и Институтот.

Авторите на истражувањето инсистираат на тоа дека присуството на антителата е многу важно за тоа како инфекцијата ќе се однесува.

Имено, оние коишто не успеале во тоа да ги развијат антителата во првите 15 дена од заразата, имаат поголем ризик од потежок облик на коронавирусот.

Во самото истражување дури 79 отсто од пациентите создале антитела во тој период од две седмици по појава на симптомите, а поголемиот дел од нив имале силни болки и одредени компликации.

Во истражувањето учествувале 162 Ковид позитивни пациенти, од кои 67 отсто биле мажи.

Дури 57 отсто од пациентите веќе имале некои постоечки заболувања кога се заразиле со Ковид-19, а најчесто тоа биле хипертензија (44 отсто) и дијабетес (24 отсто).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.