Ланец на бразилски болници тестираше непроверен лек на постари пациенти со Ковид-19, без нивно знаење, како дел од обидот на претседателот Жаир Болсонаро да претстави „чудотворен лек“, изјавил адвокат на лекарите пред сенаторите, пренесуваат медиумите во светот.

Најмалку девет лица починаа за време на тестирањето во синџирот болници „Превент сениор“ од март до април 2020 година, но извештаите беа сменети за да се прикрие причината за смртта“, рече адвокатката Бруна Морато за време на распитот пред Сенатот, пренесува „Ројтерс“.

Според медиумите, сопственикот и извршен директор на болничкиот ланец, Педро Батиста, минатата недела за време на неговото сведочење пред Сенатот признал дека извештаите на пациентите се сменети со цел да се отстрани секаква врска со Ковид-19. Тој негирал дека имало тестирање со непроверени лекови на пациенти без нивно знаење, велејќи дека самите пациенти побарале да учествуваат во клиничките испитувања, а лекарите им ги препишале лековите за кои сметаат дека се точни.

Лекарот е тој што го препишува лекот и во тоа време сите се сеќаваат на коментарите на претседателот Болсонаро и други влијателни луѓе, така што имаше многу пациенти кои бараа рецепти, рече Батиста.

Морато, која застапува 12 лекари вработени во „Превент сениор“, рече дека компанијата им се заканувала и ги отпуштала лекарите кои не се согласувале со однапред одредената „опрема за ковид“, која содржи хидроксихлорокин, еритромицин и ивермектин.

Нема научни докази дека овие лекови помагаат во лекувањето на Ковид, изјави таа.

Таа рече дека на лекарите им било сугерирано да не им го објаснуваат начинот на лекување на пациентите или нивните роднини.

Целта беше да се покаже дека постои ефикасен третман против Ковид-19, додаде таа.

Министерството за здравство не ги коментирало ваквите информации и нејасно е како што пишуваат медиумите, колку владата знае за наводните тестови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.