Денеска ќе пристигнат 110.612 вакцини од производителот „Фајзер-Бионтек“, кои нашата земја ги купи преку Ковакс механизмот, информира Министерството за здраввство.

Од МЗ додаваат дека до крајот на годината, преку Ковакс механизмот е најавена испорака на уште 100.000 вакцини од производителот „Фајзер-Бионтек“.

Пристигнатите вакцини, за кои има голем интерес кај населението, а кои се препорачуваат за имунизација и на деца над 12 години, ќе бидат дистрибуирани до вакциналните пунктови ширум земјата со цел да се обезбеди непречен процес на вакцинација, велат од МЗ.

Освен на вакциналните пунктови, вакцинацијата во Македонија се одвива и теренски.

На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 776.659 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 2.969 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 12.099 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.474.507 дози вакцини, а ревакцинирани се 697.847 граѓани.

Со последните бројки 55% од населението над 40 години имаат примено барем една доза вакцина и 31% од населението над 18-39 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Вакцинацијата во Македонија не е задолжителна. Може да се вакцинираат деца од 12 години па нагоре и сите до 18 години добиваат само „Фајзер“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.