Најновото истражување спроведено од универзитетот Оксфорд сугерира дека стероидниот лек „дексаметазон“, кој чини само 6 долари, ги намалува шансите за смртен исход предизвикан од Ковид-19 кај пациенти вклучени на респиратори за третина и кај пациенти со кислородна поддршка за една петтина.

Доколку резултатите од истражувањето се испостават како успех во третманот на Ковид-19, тоа ќе значи дека дексаметазонот е единствениот лек што може да ја намали стапката на смртност на болеста. Тестирањето, како што беше најавено во вторникот од секретарот за здравство на Велика Британија, Мет Ханкок, беа целосно финансирани од владата.

Ова досега е единствениот лек што се покажа дека ја намалува смртноста и тоа значително ја намалува. Тоа е огромен напредок, изјави за Би-Би-Си шефот на истражувачкиот тим, професорот Питер Хорби.

Во истражувањето, предводено од тим од универзитетот Оксфорд, околу 2.000 болнички пациенти добиле дексаметазон и биле споредувани со речиси 4.000 кои не го добиле лекот.

За пациентите на респиратор лекот го намалил ризикот од смрт од 40 на 28 проценти. За пациенти на кои им бил потребен кислород, тој го намали ризикот од смрт од 25 на 20 проценти.

Според американското здружение на фармацевти, дексаметазонот е еден вид на кортикостероиден лек кој се користи при лекување на многу состојби, вклучувајќи ревматски проблеми, кожни заболувања, сериозни алергии и астма, хронично опструктивно заболување на белите дробови, мозочни отоци и заедно со антибиотици при туберкулоза.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.