Децата во Гевгелија имаат негативни тестови на ковид-19, допрва ќе се испитува за каква инфекција се работи, информира Министерот за здравство Венко Филипче.

Денеска во Гевгелија ќе оди тим на педијатри од Детската клиника каде заедно со тамошните лекари во Општата болница ќе испитуваат од каква респираторна инфекција заболеле 50 – тина деца и бебиња во овој град, истакна Филипче.

Министерот потенцира дека се уште нема детали за каква инфекција се работи, ниту индиции што би можело да ја предизвика, додавајќи дека нема пријавени вакви случаи во други градови.

Лекари од детската клиника, предводени од директорката Аспазија Софијанова итно заминаа утринава за Гевгелија, откако тамошните лекари алармираа дека во изминатиот месец педесеттина деца – меѓу кои и доенчиња биле хоспитализирани со респираторни симптоми, нетипични за овој период од годината.

Сите деца биле на возраст од две до пет години. Причинителот е непознат, а специфично е што две деца завршиле на респиратор, што досега е незабележано и кај деца заболени со Ковид-19.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.