Граѓански организации во отворено писмо до претседателот на Владата Зоран Заев и претседателот на државата Стево Пендаровски бараат согласно нивните законски надлежности да се активираат припадници на Армијата и Полицијата со цел да се заштити правото на граѓаните на здрава животна средина, согласно Член 43 од Уставот, и да се одржи јавниот ред и мир во општеството, согласно Член 3, Член 5 и Член 14 од Законот за полиција.

Секојдневно сме сведоци на запалени депонии, палење на оган на отворено и шумски пожари, кои го загрозуваат здравјето и физичкиот интегритет на граѓаните. За таа цел, бараме припадници на Армијата и Полицијата – во координација со сите капацитети на Дирекцијата за заштита и спасување, Регионалните центри за управување со кризи, Општинските штабови за заштита и спасување, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот комунален инспекторат, Инспекторат на Град Скопје и инспекторатите на општините – активно да се вклучат во следните активности:

Да се организираат секојдневни патроли на припадници на Армијата и Полицијата на терен со цел да се превенира и санкционира палење огнови на отворено, пред сè палење на отпад и диви депонии;
Да се организираат ноќни дежурства на припадници на Армијата и Полицијата со помош на припадници на ДЗС и РЦУК и општинските штабови за ЗиС на критични точки во Градот Скопје и низ Републиката, кои се најфреквентни места за палење на огнови на отворено;
Да се едуцираат граѓаните на терен за штетните последици од палењето на огнови и отпад на отворено, од здравствен аспект;
Да се организираат редовни патроли на припадници на Армијата во национални паркови и планински предели кои се најфреквентни и најподложни на пожар.

Сметаме дека Армијата и Полицијата можат и мораат активно да се вклучат во заштита на своите граѓани, нивното здравје и живот, на животната средина и со своето присуство на терен да делуваат согласно законските ингеренции, со цел да се спречат вакви појави, се вели во отвореното писмо.

Писмото го потпишуваат граѓанските иницијативи: Скопје Смог Аларм, О2 Иницијатива, Еко Герила, AirCare – МојВоздух, Битола сака чист воздух, Не биди ѓубре, Го сакам Водно, Здравје пред профит,  Fidays for future, Ние сме Карпош 4, ЕкоКарпош 3,2,1, Група граѓани Визбегово,
Движење за чист воздух.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.