Епидемиологот Александар Стојанов вели дека проблемот со слабиот интерес за вакцинација е присутен во целиот свет и дека воведувањето построги мерки е единствената мотивација за граѓаните да се вакцинираат.

Очекувано беше да опадне интересот за вакцинација и со овој проблем се соочуваат сите земји во светот, не само нашата. Едноставно, такви се луѓето. Кога немавме вакцини, граѓаните постојано вршеа притисок во поскоро време да набавиме вакцини. Кога набавивме вакцини, граѓаните не сакаат да се вакцинираат. И ова не се случува само за вакцините против коронавирусот, туку и со вакцините против грип. Јас 30 години го вакцинирам населението против грип и можам да кажам дека постојано се вакцинираат истите луѓе. Нови луѓе, особено помлади, не сакаат ни да чујат за вакцина. Затоа, во моментов навистина не знам што би требало да направиме за да ги мотивираме граѓаните да се вакцинираат против смртоносниот ковид-19. Добро е тоа што го ограничивме пристапот во трговските центри, во угостителските и во спортските објекти, а и јас самиот сега многу побезбедно се чувствувам во ресторан затоа што знам дека сите околу мене се вакцинирани – објаснува д-р Стојанов за Плусинфо.

Тој вели дека заострувањето на мерките би можеле повторно да дадат позитивен резултат и да го отстранат камчето во запчаникот кое го кочи процесот на вакцинација.

Дефинитивно се потребни нови мерки што ќе ги натераат граѓаните да се вакцинираат, а сметам дека најавата за пристап во затворен простор само со потврда за две примени дози ќе даде добар резултат. А погледнете што се случува во Грција, во Албанија или во Словенија. Таму мерките се многу построги, па здравствените власти бараат од невакцинираните вработени секоја недела да се тестираат на ковид-19. Но, проблемот е тоа што кај нас сè уште има лекари-антиваксери кои упорно се противат на вакцините и со тоа ги одвраќаат граѓаните од идејата да се имунизираат. Лекар што ја негира вакцината е исто како поп да ја негира Библијата – вели д-р Стојанов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.