На Клиниката за детски болести не работи клима уредот во неуролошката амбуланта. Во општата амбуланта функционираат клима-уредите, потврди за „Република“ директорката на Клиниката д-р Катерина Ставриќ.

Родители на социјалните мрежи реагираат дека на Клиниката за детски болести на овие температури, кога надвор е повеќе од 40 степени целзиусови не работат клима-уредите.

Тука има и бебиња кои чекаат преглед. Докторите велат дека Клиниката е заборавена од министерот, владата и светот, коментираат на „твитер“.

Откажал клима-уредот кај неуролошката амбуланта. Ќе биде поправен во најскоро време. Во општата амбуланта работат климите, изјави д-р Ставриќ.

Таа информира дека генерално, работат клима-уредите и на сите одделенија на Клиниката.

На овие температури навистина се трудиме да функционираме нормално. Генерално, работат климите на одделнијата и по собите каде што се сместени пациентите. Во помалите соби каде што има по еден или двајца пациенти, родителите се тие што решаваат дали и колку ќе го вклучат клима-уредот, рече Ставриќ.

УХМР прогнозира дека денеска и утре максималните температури на повеќе места ќе надминат 35 степени Целзиусови, а утре се очекува да достигнат 40 степени. УВ индексот ќе биде 9. Но, зголемената влажност на воздухот ќе придонесе да имаме чувство дека температурите се повисоки од измерените.

Возрасните треба да пијат 6 до 8 чаши безбедна вода дневно, децата да пијат вода на секои 20 минути, а бебињата почесто да се дојат, советуваат лекарите од Институтот за јавно здравје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.