Што ќе ни се 200 респиратори, кои владата планира да ги набави за борба против корона вирусот, прашува професор доктор Никола Пановски, при неговото гостување во „Само вистина“.

Тој смета дека на Македонија не ѝ се потребни толку респиратори, затоа што не се ни користат толку во лекувањето на заболените од Ковид 19. Едноставно, нема потреба според нивната клиничка слика, а се стават на механичка вентилација, пациентите сместени во болниците.

– Што ќе ни се 200 респиратори, споменици?, прашува Пановски.

Тој смета дека одговорните, односно надлежните не треба да носат мерки кои се драстични, само затоа што новинарите прашуваат или опозицијата повикува.

Исто така, тој не ги разбира мерките со продолжување на полицискиот час од 16 часот до 5 часот наутро во работни денови, што почна денеска и потполно затворање на граѓаните дома за викенд. И за таа мерка смета дека е донесена поради притисок од јавноста, а нема научна или епидемиолошка оправданост.

Но, вели, дека веројатно тоа е направено сега, за да не биде токму за Велигден (католичкиот е овој викенд, а православниот е следниот).

– Поради опасноста од ширење на вирусот, заради навиките и традицијата на народот за ваквите празници, ова продолжување на полицискиот час се прави сега и мислам дека ќе трае три недели, за да се опфати и празникот – додава д-р Пановски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.