Микробилогот проф. д-р Никола Пановски одговора на прашањата на „Скопско ехо“ за тоа дали е прифатлива најавената мерка за постојано носење на заштитни маски од страна на граѓаните и на отворен простор.

Дали сметате дека ваквата мерка е оправдана со оглед на прашањето дали кога одиме сами по улица некого загрозуваме или сме загрозени?

Се надевам дека е нешто грешно пренесено. Апсолутно не се согласувам со таа најавена обврска, која би предизвикала голема штета и недоверба кај населението. Мерка која е спротивна на научните сознанија, спротивна на она што се случува во практиката, која ќе биде одбиена од населението до тој степен што маските нема да се носат и таму каде што е неопходно, а се поголем дел од населението ќе ги игнорира мерките за заштита, број кој и до сега не е мал, напротив. Сигурен сум дека нема да се донесе, а не требаше ни да се споменува.

Главен начин на пренос на овој вирус е респираторниот, преку капки и ареосоли. Инфективната доза е релативно голема, треба стотици вируси да навлезат за да предизвикаат инфекција, за разлика од вирусите на морбили, варичела и вариола, каде и една честичка е доволна. Затоа вирусот многу потешко се пренесува на отворено или во големи простории. Илјадници луѓе се собираа на отворено, имаше и има масовни протести, во ресторани и барови, плажи итн. без да се носат маски. Нема докази дека некој така се заразил, а воопшто нема докази дека некој се заразил ако бил сам на улица!!! Треба директен контакт на растојание помало од два метри, кое ќе трае подолго време и во кое заразениот ќе кива, кашла или зборува. Имено, на отворен простор исфрлениот вирус толку се разредува во воздухот, така да инфекцијата е скоро невозможна, а при дистанца е секако невозможна.

Кога шетаме сами, се извинувам, ама смешно е и да помислиме дека можеме да се заразиме. Во затворен простор каде има мал волумен на воздух, а повеќе луѓе, маската е корисна. Затоа маските и дистанцата имаат одличен ефект, ако се применуваат правилно. Носењето на маска е мачна работа, ако е носи подолго време. Се разбира не и без реперкусии на органите за дишење, имунитетот, оксигенација на крвта. Затоа е многу важно, маската да се носи само кога е неопходна, а надвор ако сме сами само при загаден воздух.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.