Поранешниот началник на СВР Велес Игор Ангеловски, кој синоќа почина Инфективната клиника во Скопје како последица на ковид-19, поради пад на сатурација итно бил префрлен на Инфективната клиника во Скопје, информира за МИА, д-р Весна Неделковска-Николова, портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес.

Тој првично се лекувал во велешката Општа болница на Инфективното одделение од 7 до 14 октомври.

Последните два дена беше на кислородна поддршка и два дена имаше пад на сатурацијата, која не сакаше да се покачи. Поради тоа, одлучивме и итно на 14 октомври го пренесовме на понатамошно лекување на Инфективната клиника во Скопје, појасни д-р Неделковска-Николова.

Откако бил префрен во Скопје, на Инфективна неколку дена бил приклучен на респиратор.

41-годишниот магистер по дефендологија, Игор Ангеловски, беше началник на СВР Велес од 10 јануари до 27 јули годинава по предлог на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.

Тој претходно работел во Единицата за специјални задачи на МВР „Тигар“, бил инструктор во Центарот за обука во Идризово и самостоен инспектор за крим-техника во СВР Велес, а бил и инспектор во обезбедување на ВИП-личности и објекти.

Ангеловски е најмладата жртва на ковид-19 во Велешко. Во овој регион од почетокот на пандемијата починале 27 лица.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.