Во моментов имам ист или поголем број на ковид пациенти без пцр отколку такви кои имаат, повеќето прават тест сами дома и сами си одредуваат колку и дали ќе бидат во изолација!
Со закон ми е забрането и немам како да реагирам кога ги гледам по ресторани, си одат на работа, шетаат најнормално, дури и продавачи кои одат по канцеларии, ова не е нормално!, пишува во статус на Фејсбук матичниот лекар д-р Ненад Лазаров.

Во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во периодот од петти до 10 јануари 2022 направено е секвенционирање на вкупно 152 позитивни примероци на SARS-CoV-2, а во 104 од нив (68%) е детектирана Омикрон варијантата.

Омикрон варијантата е откриена во 12 градови и тоа: Скопје – 48, Охрид – 27, Кочани – 7, Тетово – 6, Велес – 5, Пехчево, Штип, Гевгелија, Кавадарци по 2 и Виница, Неготино, Битола по 1 заразен.

Во периодот од 3 до 9 јануари пријавени се дури 946 реинфекции, што претставува зголемување за 7 пати споредено со претходната недела.

Најмногу се разболувале младите возрасни категории, оние од 20 до 30 и меѓу 30 и 40 години, а најмалку децата до 9 години. Моментално на територијата на целата држава хоспитализирани се 351 пациент, што е за 41 процент повеќе споредено со минатата недела. Најмногу од пациентите се на Инфективната клиника во Скопје и во ГОБ 8 Септември.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.