Бројот на заразени текстилни работнички во Штип се зголеми, откако денеска се регистрираат четири нови случаи на вработени во конфекцијата, која од вчера е затворена. Со овие нови случаи вкупниот број на заразени текстилни работнички од конфекцијата се искачи на десет.

Епидемиолозите од Центарот за јавно здравје денеска ќе земат брисеви на уште шест текстилни работнички, кои се од истата конфекција. Се прават анкети и се лоцираат работничките од другите конфекции кои се превезувале во истиот автобус со заразените од коронавирусот.

Во моментов во изолација се ставени 55 работници и членови на нивни семејства, со цел да им се следи состојбата, бидејќи имале некаков контакт со заразените.

Директорот на Клиничка болница – Штип, Алем Ѓеорѓијев за МИА вели дека во моментов на Инфективното одделение на болничко лекување се вкупно девет лица и сите се од Штип, од овие пациенти четири се текстилни работнички. Пациентите се добри и им се следи здравствената состојба.

Во текот на вчерашниот ден извршена е детална дезинфекција на конфекцијата и автобусите, а Општинскиот кризен штаб почна со таргетирана дезинфекција пред влезовите на конфекциите и автобусите.

Здравствените работници и локалната власт бараат од граѓаните да ги почитуваат мерките, како што се држење на социјална дистанца од два метра, задолжително носење на маски и често миење на рацете, со цел да не се шири вирусот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.