Истражување на британски научници кое директно го споредувало имунолошкиот одговор што го предизвикуваат вакцините на „Фајзер“ и „Астра-Зенека“ утврдило слично ниво на создавање антитела и посилен одговор кога станува збор за Т-клетките кај лицата кои ја примиле британската вакцина.

Британските научници соопштија дека во студијата, која ги утврдувала разликите во имунолошкиот одговор на вакцините на „Фајзер“ и „Астра-Зенека“, било утврдено дека двете предизвикуваат слично силна реакција во создавање на антитела кај лицата со повеќе од 80 години по првата примена доза, пренесе „Тањуг“.

Агенцијата наведува дека истражувањето открило и дека важните компоненти од имунолошкиот систем, познати како Т-клетки, покажале посилен одговор кај оние кои ја добиле вакцината на „Астра-Зенека“ отколку кај оние кои ја примиле вакцината на „Фајзер“, за што научниците сметаат дека е информација која и понатаму треба да се проучува.

Што се т-клетки?

Т-клетки се вид на имунолошки клетки, чија главна цел е идентификација и отстранување на напаѓачките патогени или заразени клетки.

Тоа го прават со помош на протеини на својата површина, кои можат да се врзат за протеините на површината на патогенот. Секоја Т-клетка е многу специфична – постојат милијарда можни верзии на овие површински протеини, кои можат да ги препознаат различните делови на патогенот.

Бидејќи Т-клетките можат со години да циркулираат во крвта по заразувањето, тие исто така допринесуваат за „долготрајната меморија“ на имунолошкиот систем и овозможуваат побрз и поефикасен одговор кога тој е изложен повторно на вирусот.

Поради тоа, значењето на Т-клетките во борбата против повторно заразување е исклучително значајно.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.