Министерството за здравство денеска соопшти дека будно се следат состојбите со грип во земјава и дека се подготвени за евентуално зголемување на бројот на лица заболени од оваа болест.

Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести, составена од стручни лица од надлежните здравствени установи, будно ја следат состојбата со грип во државата. Напоменуваме дека капацитетите на здравствените установи се доволни и за евентуален пораст на бројот на заболени од грип, што е очекувано за овој период од годината, се наведува во соопштението.

Имајќи ги во предвид искуствата од претходните години, како што се посочува, очекуван е тренд на пораст, посебно во тек на февруари и март, кога ова заболување вообичаено е присутно со повисок интензитет.

Во врска со снабденоста со лекови, од Министерството информираат дека има доволно количини од лекот „тамифлу“, како и доволен број средства за дезинфекција и заштитна лична опрема.

Воедно, потсетуваат дека при првите симптоми на грип, потребно е граѓаните да се консултираат со стручните лица и да не користат лекарства на своја рака.

Министерството за здравство во континуитет ја следи состојбата со грип во државата и јавноста навремено и постојано ќе биде информирана за тековната состојба. Заложба на Министерството и сите здравствени установи е што поуспешно менаџирање на предизвиците во сезоната на грип, стои во соопштението.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.