Клиничката болница во Битола денеска доби нов дигитален мамограф, најсофистициран апарат за дијагностика на рак на дојка кој денес се користи во сите современи светски клиники.

Дигиталниот мамограф во споредба со (досегашниот) аналоген му овозможува на радиологот многу полесно да ги забележи и дијагностицира абномарнолстите на дојката и претставува најсовремената метода за скрининг на рак на дојка во рана фаза. Неодамна, за првпат од функционирањето на мамографскиот скрининг воведовме и двојно читање на мамографските слики, кои се независно анализирани од двајца радиолози, со искуство во читање мамографски слики од минимум 800 пациентки. На овој начин ги реализираме нашите заложби за превентива, но и точна и прецизна дијагностика, што е од исклучителна важност за понатамошен третман на пациентката, изјави министерот за здравство Венко Филипче.

Истакнувајќи ја важноста од едукација на жените од тешко пристапните подрачја во регионот за редовни прегледи на дојка, Филипче потенцираше дека новиот дигитален мамограф е достапен за бесплатни, превентивни мамографски прегледи за сите жени во битолскиот регион, вклучувајќи ги и пациентките од тешко пристапните подрачја.

Би сакал да истакнам и дека набавивме иновативна, биолошка терапија која претставува нов пристап во третманот на онколошките заболувања, а што е уште една значајна придобивка за пациентите заболени од рак, вклучително и пациентките заболени од рак на дојка.“ – информираше Филипче, истакнувајќи дека првпат сите жени на коишто им е потребна терапија после операција или без операција на рак на дојка, отсега се покриени со целата терапија којашто им е потребна.

Дигиталниот мамограф е обезбеден преку проектот од ИПА програмата за меѓугранична соработка Грција – Македонија (2014-2020).

Директорот на Клиничка болница д-р Зоран Лазаров посочи дека со овој проект од ИПА програмата треба да се подобри здравствената заштита во пограничниот регион.

Преку проектот нудиме скрининг (мамографија, ултразвучен преглед и медицински испитувања), ги едуцираме жените во врска со потребата од скрининг услуги и редовни прегледи, а нашата цел е превентива, рано откривање на карциноми кај жените, затоа што ран третман и подобра прогноза може да доведе до намалување на стапката на морталитет и морбидитет. Конкретно во Битолскиот регион ќе се спроведе скрининг на 200 пациентки во вид на мамографски прегледи и гинеколошки ПАП тестови. Со организиран превоз ќе се носат пациентките од Новаци, Претор, Грнчари и Меџитлија во болницата за овие прегледи“, изјави директорот Лазаров.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски рече дека преку програмите на ЕУ и министерството меѓу другото се овозможуваат и подобри здравствени услуги.

Проектот е финансиран од Европската Унија и кофинансиран од Министерството за локална самоуправа на со 15% од вкупниот буџет. Партнери во проектот се: Национална организација за обезбедување на здравствени услуги од Солун, Интернационален Универзитет на Грција од Солун, Општа болница Пела – Грција, Општа болница Гевгелија и Клиничка болница Битола.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.