Во тек е националната кампања „Биди срцевина, биди херој“ за зголемување на бројот на доброволни донори на матични клетки поддржана од Министерството за здравство, Универзитетската клиника за хематологија и Институтот за имунологија и хумана генетика, кадешто се наоѓа Националниот дарителски регистар на коскена срцевина.

Секој возрасен здрав човек на возраст помеѓу 18 и 50 години во Институтот за имунологија и хумана генетика може да дарува коскена срцевина и да спаси човечки живот.

Пред 19 години за првпат беше изведена трансплантација на матични клетки и досега се реализирани повеќе од 550 интервенции. Во ноември 2018 година за првпат беше изведена првата трансплантација на матични клетки од несроден донор и досега изведени се 8 такви трансплантации, достапни за македонските осигуреници, велат од Министерството за здравство.

Целта на оваа кампања е подигање на свеста за хуманост, промовирање на солидарноста и засилување на можноста преку запишување во националниот дарителски регистар, секој да може да се понуди да спаси човечки живот дарувајќи коскена срцевина.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.