20 деца позитивни на коронавирус се лекуваат на Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле. Пет од малите пациенти се на кислородна поддршка. Новороденче старо само 20 дена е најмалиот пациент во оваа болница. Бебето се заразило од мајка му, како и многу од другите деца, вели директорот на оваа болница, Бесник Зеќири, пренесе ТВ21.

Денеска имаме хоспитализирано 20 деца, некои помали некои поголеми, воопшто, возрасните групи од почетокот на четвртиот бран се од 0-2 години и од 9-15 години. Од 20, 5 деца се на кислородна поддршка, зависно за каква претходна болест станува збор, тие деца кои имаат коморбидитети или хронични болести од претходно, особено со белодробни заболувања, кај тие деца се развива потешка клиничка слика и имаат потреба од кислородна поддршка при престојот во болница- вели Зеќири.

Здравствената состојба на децата е добра. Најзагрозени се децата од 10 до 16 години, особено оние кои имаат поголема телесна тежина, рече директорот на болницата. Инаку во дворот на болницата во Козле има и модуларна болница. На прашањето дали има хоспитализирани деца таму, Зеќири рече дека до сега оваа болница не е ставена во функција, пренесе телевизијата.

Целиот прилог погледнете го на ТВ21.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.