Aсоцијацијата на специјализанти и млади лекари на својата Фејсбук страна се обрати до здравствените власти.

Потсетување до здравствените власти:
Медицински факултет трае најмалку 6 години ( од 1 до 6 илјади евра за школарина), пола година неплатен стаж за лиценца (плус државен испит 500 евра), едукации за ре-лиценцирање + трошоци кон ЛКМ (7 години по околу 1000 евра), евентуално приватна специјализација ( 4-6 години, до максимум 13000 евра), докторат ( освен ретки исклучоци што плаќаат како Институти) чинат 3 години и најмалку 5 000 евра само за факултетот + реагенси и материјали итн , итн…

Односно секој доктор што работи во државава инвестирал најмалку 8 години во формално образование ( 20- тина години е просекот на Клиника) и најмалку 10-тина илјади евра ( за некои над 20000 евра), а материјална еквиваленција на стресот, непроспиените ноќи и останати саможртви на жалост не е можна.

Да ве потсетиме дека колеги сеуште дежураат без пари, работат во јавно здравство ( и приватните специјализанти ) а немаат здравствено и социјално осигурување, колеги специјализираат во Скопје без додаток за одвоен живот, повикувани често во матичните установи. Се поништуваат решенија за специјализации во Прилеп, а во Струга се местат конкурси. За Дебар се надеваме дека веќе сте поднеле пријави. Да ве потсетиме дека изгубивте цел тим за детска кардиохирургија, а поединци секојдневно го напуштаат јавното здравство. Да ве потсетиме дека не се укинати временските рамки за договорите на кофинансираните специјализанти.Млади матични лекари работат во минус само од основни трошоци, нема матични гинеколози во цели општини. Руралните доктори стануваат реткост. Вие веќе си знаете за состојбата со човечкиот потенцијал и старосната граница низ државава. И дека си ја направивте ЛКМ домашно милениче со функции во јавно здравство.
Да потсетиме да не испадне дека не сме рекле.
Ќе ве потсетуваме, било кој да сте!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.