Најкористен антибиотик во примарната здравствена заштита е Аmoxicillin+clavulanic acid, а во болничката здравствена заштита тоа е Ceftriaxon. Тоа значи дека се пропишувале антибиотици на рецепт со поширок спектар на делување, со што се зголемува ризикот од појава на резистентни соеви на бактерии, соопшти Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ).

Фондот активно ја поддржува и годинава учествува во националната кампања за подигнување на јавната свест за правилно користење на антибиотиците, во рамките на одбележувањето на Светската недела за рационална употреба на антибиотиците и Европскиот ден за рационална употреба на антибиотиците со цел зачувување на нивната особена тераписка важност и вредност како лекови кои спасуваат животи.

Вкупната потрошувачка на антибиотици во државава во 2018 година, се проценува во ранг од 30 до 35 ДДД на 1000 жители на ден што споредено со европскиот просек кој изнесува 20,1 ДДД на 1000 корисници на ден јасно покажува дека е потребна сериозна борба со антимикробната резистенција преку рационална употреба на антибиотици. Потрошувачката на антибиотици на товар на Фондот за 2018 година во примарната здравствена заштита достигна околу 17 ДДД (дневни дефинирани дози) на 1000 осигуреници на ден, сметано според новите АТЦ ДДД индекси за лекови определени од Светската здравствена организација – СЗО. Фондот ги има само податоците за потрошувачката на антибиотици на рецепт кои се на Позитивната Листа. Но бројката на потрошувачка на антибиотици е поголема, бидејќи има регистрирани антибиотици кои се продаваат комерцијално, односно не се на Позитивната листа и оттаму, Фондот за истите нема податоци, велат од ФЗОМ.

Од редовните анализи на Фондот за здравствено осигурување за 2018 година, може да се забележи дека биле реализирани 1,75 милиони рецепти за антибиотици, со вкупен износ од 295 милиони денари. Бројот на рецептите за антибиотици во однос на 2017 година е намален за 2%, но сепак загрижува податокот дека за 14% е зголемен бројот на рецепти за антибиотици од подгрупата Макролиди, за 2% е зголемен бројот на реализирани рецепти за Беталактамски–пеницилински антибиотици и исто за 2% има зголемување за Цефалоспоринските антибиотици од втората генерација.

Фондот апелира да се применува рацинално користење на лекови, врз основа на медицина базирана на докази истовремено подигнувајќи ја свеста и кај осигурениците да ги почитуваат советите на лекарите и фармацевтите во однос на користењето на антибиотиците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.