Ново истражување на американски научници предвидува дека корона вирусот наскоро ќе стане помалку заразен и ќе се претвори во сезонска болест која ќе предизвикува лесна настинка.

Сепак, како што истакнуваат научниците од Универзитетот Емори, тоа ќе се случи откако Ковид-19 ќе стане ендемски вирус, односно кога нема да предизвикува масовна зараза.

Кога вирусот ќе достигне ваква ендемска состојба зависи од брзината на неговото ширење и од стапката на вакцинација. Значи, треба сите да се изложат на вакцината што е можно побрзо – вели Џени Лавин, водечката авторка на студијата на Универзитетот.

Истражувањето се заснова на шест човечки корона вируси, од кои четири редовно се шират меѓу луѓето и предизвикуваат само благи симптоми. Другите два, тешкиот акутен респираторен синдром (SARS) и блискоисточниот респираторен синдром (MERS), се појавија во последно време и резултираат во висока смртност, но имаат слична генетика како корона вирусот кој предизвикува Ковид-19.

Научниците сè уште проучуваат колку долго траат антителата и другите имунолошки клетки откако луѓето прележале ковид-19. Досегашните сознанија сугерираат дека имунитетот што ја блокира инфекцијата е релативно краток, но затоа имунитетот кој ги ублажува симптомите е долготраен.

Ова значи дека некое лице може да биде заразено со корона вирус неколку пати, но секој следен пат не би бил толку сериозен како првиот, што е слично на влијанието на настинките врз телото.

Откако повеќето луѓе ќе стекнат заштита од Ковид-19, или преку природна инфекција или преку вакцинација, на корона вирусот најмногу ќе бидат изложени малите деца, а кај нив болеста се манифестира со благи симптоми и поминува полесно.

Но, како што наведуваат научниците, без масовна вакцинација ќе бидат потребни години и многу мртви за да се случи тоа.

Дури и во случај на појава на нови мутации на вирусот, како тие што сега се шират низ Велика Британија, Бразил и во Јужна Африка, научниците тврдат дека имунитетот стекнат од претходните мутации ќе биде доволно силен за да спречи сериозни болести.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.