Естонската технолошка компанија „Респирај“ (Respiray) промовираше преносен прочистувач на воздухот, за кој тврди дека убива над 99 проценти од вирусите и бактериите со помош на ултравиолетова светлина.

Преносниот прочистувач на воздух е развиен во соработка со универзитети од Естонија и од Полска, а поддржан е од естонското Министерство за образование, кое планира да го дистрибуира до училиштата.

Индрек Реиманд од естонското Министерство за образование наведе дека преносниот прочистувач на воздух е дополнителен елемент во борбата против Ковида-19 покрај вакцините, лековите и мерките за дистанцирање.

– Нема волшебно стапче против вирусот, но комбинација од неколку фактори може да помогне во борбата против пандемијата, истакна Реиманд.

Апаратот се темели на познатите својства на дезинфекција на УВ-светлината и термодинамиката на дишењето, каде најголемиот дел од вдишаниот воздух доаѓа од протокот на воздух што се издига од површината на телото.

Преносниот прочистувач на воздух се состои од пластична кутија што се носи околу вратот. Се напојува од батерија која трае околу осум часа.

Воздухот прво поминува низ филтер, кој отстранува прашина и поголеми честички, а потоа тече низ УВ-Ц ЛЕД модул. Откако модулот ќе ги убие вируси и бактерии, воздухот стигнува до лицето на корисникот.

Компанијата соопшти дека на полскиот Универзитет во Лоѓ докажа дека апаратот убива 99 проценти од бактериите Е.коли и С.ауреус, додека истражувањето спроведено од естонскиот Универзитет во Тарту покажа дека уништува 99,4 отсто од алфавирусот. Алфавирусите се слични по големина и структура на САРС-КоВ-2, кој предизвикува Ковид-19.

Малопродажната цена на преносниот прочистувач на воздух е 279 евра, а испораките треба да почнат во март.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.