Вкупно 82 здравствени работници во Македонија се заболени од Ковид-19, а најголем број од заразените се на возраст меѓу 50 и 59 години, соопштуваат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Денеска се пријавени вкупно 46 нови случаи на Ковид-19 од 8 градови. Најголем број од пријавените лице се со место на живеење во Куманово и Скопје, а прв случај е регистриран во Пробиштип. Вкупно во Македонија се дијагностицирани 663 пациенти. Од нив 30 се починати, а 37 се излекувани.

Најголем дел од регистрираните случаи се на возраст од 50-59 и над 60 години, а во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 24 женски и 22 машки лица.

Хоспитализирани се пет лица, а останатите се на домашно лекување. Нема испишани оздравени лица по добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2.

Кај 10 лица е регистрирано присуство на коморбидитети.

Вкупно 25 лица имале контакт со веќе потврден случај на Ковид -19 во државата, а регистрирани се 6 лица кои имаат историја на неодамнешно патување (во последни 14 дена).

Тестирани се вкупно 341 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2. Позитивни се 46 или 13,5% од тестираните.

Регистриран е еден смртен случај од COVID-19 во текот на изминатите 24 часа. Се работи за заболено лице од Куманово (Табела 1). Се работи за женско лице на возраст од 27 години. Кај починатото лице биле присутни симптоми на заболувањето кои се влошиле по породувањето по што била хоспитализирана на КИБФС. Не се присутни коморбидитети.

Во однос на дистрибуцијата по пол, регистрирани се 319 машки и 344 женски лица. Возраста на заболените се движи од 0 до 91 години (медијана – 46 години). Најголем број на заболени се на возраст од 50-59 години – 141 (21,3%), каде е регистрирана и највисока специфична инциденца – 50,7/100.000.

Од пријавените случаи, 23,5% се/биле хоспитализирани во текот на болеста, а останатите случаи биле/се на домашно лекување и во домашна изолација, асимптоматски или со полесна клиничка слика. Во однос на симптомите кои се пријавени кај заболените лица, најчесто се регистрирани температура (64,1%), кашлица (60,2%), слабост (34,4%), треска (20,1%), болка во грло (16,6%), отежнато дишење (16,2%) и главоболка (16,0%), а 206 лица се/биле без симптоми.

Во однос на коморбидитети, кај 181 лице се присутни хронична/и здравствени состојби, од кои 126 лица имаат кардиоваскуларна болест, 36 лица се со хронична белодробна болест, 35 со дијабет, 11 со хронична бубрежна болест и 23 со други хронични болести. Од хоспитализираните случаи, кај 80 се присутни коморбидитети.

Според исходот од заболувањето, кај 596 лица се активни случаи, 37 случаи се испишани од болница со излечена болест, а регистрирани се 30 смртни случаи (Лт = 4,5%).

Од вкупниот број на случаи, 80 се импортирани, од нив едно лице е детектирано на точка на влез (Меѓународен аеродром Скопје). Вкупно 402 лица имале контакт со веќе потврден случај на COVID-19 во државата или странство.

Од 15.02.2020 до 08.04.2020 тестирани се вкупно 6.571 материјали (детектирани 663 позитивни лица) во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, соопшти ИЈЗ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.