Триесет и пет годишен скопјанец починал од маларија со која се заразил во Гана каде што бил на службено патување, дознава „Република“.

Како што дознаваме, скопјанецот бил државен службеник, вработен во јавната администрација од каде што бил испратен на службен пат во Гана. Според нашите извори тој се заразил во Гана, а по враќањето во Македонија состојбата му се влошила.

Кога дошол во Клиниката за инфективни болести болеста веднаш била дијагностицирана, но здравствената сотојба во која се наоѓал била многу тешка и за жал, не можело ништо да се стори.

За оние кои патуваат во Африка има заштитна терапија која треба да се пие за да не се добие маларија. Но, некои патници одбиваат да ја земаат затоа што им прави тегоби на стомакот, а и треба да се зема секој ден во текот на целиот престој.

Маларија е заразна болест што ја предизвикува мал паразит наречен плазмодиум. Има вкупно четири видови од овој паразит и секој има свои специфичности, без оглед дали се работи за реакцијата на медикаменти или според местото во организмот по заразата, но и според ефектите што ги има по здравјето на човекот.

Во зависност од видот на паразитот од родот Plasmodium и времето на инкубација, првите симптоми можат да се јават 7-14 дeна или дури и 8-10 месеци по внесувањето на паразитот. Тоа многу зависи и од имунитетот, па можат да се забележат и случаи на потполн имунитет, кој е стекнат со текот на времето.

Симптомите на маларијата, особено во првите неколку денови, не изгледаат ништо поинаку од вообичаените симптоми кои ги имаат некои други болести што ги предизвикуваат бактерии, вируси или паразити. Тоа вклучува зголемена телесна температура, главоболка, замор, засилено потење, повраќање, а можат да се појават и нешто поинакви знаци како суво кашлање, болки во мускулите, зголемување на црниот дроб или дури и нервни дисфункции и губење на свеста, а во најтешките случаи – кома и смрт.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.