16-годишното девојче кое починало од компликации од ковид-19 на Инфективната клиника во Скопје имало тешка ковид-пневмонија и девет дена пред да биде донесена во болница, била лекувана дома, велат од Министерствто за здравство кое соопшти детали за смртта на пациентката.

Ова е најмлада жртва на ковид-19 во Македонија од почетокот на пандемијата.

16 -годишна пациентка е од село Сиричино, тетовско.

Според МЗ, пациентката со многу тешка клиничка слика со возило на Итна Помош била донесена на Инфективна клиника, од Клиничката боница во Тетово. Таму се лекувала два дена, од 21 до 23 октомври, а претходно била лекувана во домашни услови заради тегоби кои датирале девет дена од иницијалниот прием во тетовската болница.

Според медицинскиот извештај, од КИБФС станува збор за исклучително тежок случај, кислородно зависна со тешка ковид пневмонија. Во текот на хоспиталниот престој од анализите е потврдена и белодробна тромбемболија. Во текот на лекувањето доаѓа до брзо прогресивно влошување на респираторната функција. Пациентката е мултидисциплинарно лекувана поради развиените компликации. Во текот на вчерашниот ден дојде до драматично влошување на виталните параметри што доведе до срцево белодробно попуштање, велат од МЗ.

Младата пациентка не била вакцинирана.

Од почетокот на пандемијата од ковид-19 до сега починаа 7.159 пациенти.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.