Балансирајте го времето поминато во онлајн светот, прво прочитајте па прифатете, говорот на омраза не е опција, се дел од препораките што ги објави Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), по повод Светскиот ден за побезбеден интернет – 5 февруари.

Денот ниту почнува, ниту завршува со интернетот, иако на дел од нас ни се чини дека е така. Во текот на денот има и треба да има и многу други офлајн активности кои ќе ги правиме заедно со нашите деца. Научете се себе си, а со тоа и децата дека поминувањето слободно време и забава на интернет доаѓа како награда по сработените задачи и активности. Не може да очекувате детето да изгради однос и баланс во користењето на мобилниот телефон или компјутерот, доколку вие 24 часа типкате на вашиот телефон или таблет. Бидејќи детето ќе го следи вашиот пример и ќе смета дека седењето на интернет е правило кое треба да се применува во текот на целиот ден, стои во препораките.

Пред да се стисне копчето „прифати“ (accept), како што се укажува, потребно е да се прочитаат условите под кои се симнува одредена апликација или се инсталира некоја програма. На истите правила уште од мали треба да др научат и децата за да разберат дека имаат и сносат одговорност за своето однесување додека се во онлајн сферата.

Главен предизвик е како да израснеме идни генерации кои ќе знаат како правилно да се однесуваат на интернет, да се внимава детето да не биде жртва на врсничко насилство на интернет, но истовремено и да не биде предизвикувач или причина за некое друго дете да биде вознемирувано, омаловажувано или малтретирано, наведуваат од Институтот.

Препорачуваат и дека е неопходно воведување образование компатибилно со дигиталната ера и формална медиумска едукација, подигање на свеста за користењето на апликации и софтвери за родителска заштита, активности за справување со лажните вести, развивање вештини каде треба децата да пребаруваат за да најдат точни информации, добивање реална слиука за инфлуенсерите, јутјуберите и гејметрите.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од минатата година, 79,3 проценти од домаќинствата имале пристап на интернет од дома. Во истиот период од вкупното население на возраст од 15 до 74 години, интернет користеле 79,2 процента, а 68,7 проценти го користеле секој ден или речиси секој ден. Мобилниот телефон или паметниот телефон биле најкористени средства за пристап до интернет кај корисниците на интернет во овој период, а најмногу кај лицата на возраст од 15 до 24 години (91,8 проценти).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.