Првпат во 79 години, поради коронавирусот, откажан е саемот за автомобили во Женева, објавија швајцарските медиуми.

Голем број други јавни настани низ Швајцарија исто така се откажани откако бројот на случаи на инфекција со коронавирус во земјата се искачи на 15. Уште еден случај беше потврден утрово во Цирих.

Агенцијата „Анса“ објави дека папата откажал служба закажана за попладнево. Сепак, утрово тој се појави на миса и на крајот ги поздрави сите присутни. Папата вчера го откажа учеството на миса бидејќи, како што беше соопштено, не се чувствувал добро.

Првиот случај на коронавирус е потврден во Велс, што е 17 потврден случај во Велика Британија. Станува збор за пациент кој се вратил во Италија.

Монголскиот претседател е во карантин. Според странските агенции, тој и службените лица кои биле со него во Кина вчера поради претпазливост биле сместени во 14-дневен карантин. Претседателот вчера имаше средба со кинескиот претседател во Пекинг.

Од коронавирус заразени се уште 327 лица во континентална Кина, што е најнизок број на новозаразени во последните месец дена, а објавено е и за 44 нови смрни случаи.

Со ова, вкупниот број на смртни случаи во Кина се искачи на 2.788, според Националната здравствена комисија.

Коронавирусот уби најмалку 2.800 луѓе ширум светот, најголемиот дел во Кина. Заразени има на секој континент, освен Антарктикот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.