Јапонскиот милијардер и иден вселенски патник Јусаку Маезава го урна рекордот на „Твитер“ за споделена порака. Неговиот твит достигна 5,55 милиони споделувања.

Маезава во саботата на „Твитер“ напиша дека ќе им даде по 8.000 евра на одредени следбеници на неговиот профил. Милијардерот наведе дека ваква сума ќе исплати за 100 луѓе извлечени по случаен избор, кои претходно ја споделиле („ретвитувале“) неговата порака.

„Нов светски рекорд. Го соборив рекордот на ‘Твитер’ за бројот на споделувања на порака, досега рекордот беше 3,55 милиони“, соопшти Маезава.

Милијардерот, кој се збогати преку онлајн продажба на облека и кој е колекционер на дела од современата уметност, ќе биде првиот турист околу Месечината на приватната американска вселенска компанија „СпејсЕкс“ (SpaceX), а негови придружници ќе бидат уметници. Патувањето е планирано за 2023 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.